Новата година инспирира нова енергија и возбуда за она што може да се случи. Тоа е нов почеток и совршено време да размислите за минатото и да ја испланирате иднината. Време кога се поставуваат нови цели и се зголемува ентузијазмот.

И покрај тоа што новата година веќе започна, не е доцна да направите план за клучните промени кои ќе обезбедат раст на Вашиот бизнис. Проверете ги овие пет совети:

1. Направете реална финансиска проекција

Погледнете наназад на претходната година. Проценете што помина добро, а што не, и извлечете поуки од грешките и од успесите. Прегледајте и ажурирајте го Вашиот бизнис план за новата година. Колку од Вашите цели ги реализиравте? Каде потфрливте?

Направете реална проценка на состојбата во Вашата компанија базирана на релевантни финансиски извештаи. Додека развивате проекции за годината, разгледајте ги пошироките економски услови и како тие би можеле да влијаат на пазарот. Се разбира, имајте на ум дека проекциите се токму тоа – проекции. Невозможно е да знаете што ќе се случи, затоа засновајте ги Вашите проекции на реални податоци и објективност. Познавањето на најновите бизнис трендови и економските вести ќе Ви помогне да се справите со честите промени. Конечно, потпрете се и на искуството на другите за да си помогнете. Многумина биле таму каде што сте Вие сега. Одлична идеја е да се дружите со успешни луѓе кои поминале и лоши и добри години.

„Иднината зависи од она што го правите денес“.
Махатма Ганди

2. Расчистете со старите долгови

Долгот прави да се чувствувате лошо и да делувате дефанзивно, наместо да се фокусирате на Вашите цели. Отплатата на долгот е клучен чекор за градење богатство. Бизнисите кои имаат висока нето вредност немаат тенденција да плаќаат цело богатство во камата.

Вашата нето вредност е збирот на обврските минус средствата. Така, како што Вашиот долг се намалува, а приходите и средствата се зголемуваат, Вашата нето вредност се зголемува. Првото правило за зголемување на Вашата нето вредност е елиминација на долгот и ова треба да биде дел од секој финансиски план.

Бонус совет

Откријте кој производ е Вашето златно јајце!

3. Внимавајте на малите трошоци

Може да биде тешко да се следат сите трошоци, особено доколку менаџирате во многу области од бизнисот, но тоа е од клучно значење. Бизнисите можат да ги максимизираат средствата на многу начини – од следење на деловните трошоци што се одбиваат од данокот и минимизирање на долгите рокови на плаќање, до годишни, наместо месечни плаќања за осигурување и закуп или купување половен канцелариски мебел и опрема. И, додека трошоците за вработените се главен деловен трошок, тука мора да носите паметни одлуки. Не можете да се фокусирате на намалување на платите. Ефективните практики за вработување ќе Ви помогнат да се осигурите дека го добивате најдоброто за Вашите средства.

„Пазете се од мали трошоци. Мало истекување ќе потопи голем брод“.
Бенџамин Френклин

4. Направете ревизија на Вашиот софтверски систем

Вашиот бизнис постојано се развива, што значи дека и Вашите потреби за можностите на Вашиот софтвер се менуваат со текот на времето. До кој степен вашиот сегашен софтверски систем ги задоволува потребите на Вашиот бизнис? Каде има простор за зголемена ефикасност? Не грижете се ако не сте сигурни; едноставно разговарајте со менаџерите и вработените од сите сектори во Вашата компанија за да препознаете дали софтверски можности се во контекст на Вашата деловна стратегија. Вашиот тим ќе Ви помогне да го рационализирате Вашиот систем, да ја зголемите ефикасноста и Вашиот потенцијал за генерирање приход.

5. Креирајте позитивна работна атмосфера

Вашиот бизнис не може да функционира без Вашите вработени. Додека ги анализирате сите области каде сакате да се подобрите оваа година, размислете како да им овозможите на вработените да работат на повеќе начини кои најдобро ги мотивираат и се доволно флексибилни и одговараат на нивните професионални капацитети и лични одговорности. Исто така, поттикнете ги Вашите вработени да одвојат време за себе надвор од канцеларијата и дајте им пример со тоа што и Вие самите ќе одвоите време за одмор. Со добро менаџирање, сигурно ќе најдете време за вежбање, за Вашето омилено хоби или за патување на место кое подолго време сакате да го посетите. Со тоа ефикасно ќе го одржувате Вашиот претприемачки оган и ќе станете уште попродуктивни.

Деловниот живот не подразбира само посветено работење до емоционално и физичко исцрпување. Постојат и убави, елегантни и софистицирани моменти!