Во претходните броеви на „Мој Информатор“ беа објаснети некои од основните можности за внес на договорени услови за соработка со комитентите, како што се договорен генерален рабат и рок за плаќање за одреден купувач. Повеќе детали може да прочитате на следниот линк.

Освен споменатите можности, во програмот постојат и бројни други можности за подетално евидентирање и автоматско предлагање на договорени цени и/или рабати во излезни фактури за дадениот купувач.

Генерален ценовник за сите комитенти (купувачи)

Генерален ценовник, во најопшт случај, е дефиниран со цените на артиклите во самиот шифрарник на артикли (производи). Во шифрарникот на производи за секој артикал може да се дефинираат повеќе продажни цени (максимум 9) кои важат за сите купувачи. Корисникот може да одлучи на пример: првата цена да претставува малопродажна цена и истата да важи за продажба од продавници, а втората да преставува големопродажна  цена и таа да се предлага за фактури од материјално. Ова може и да се сетира како предлог дифолтен ценовник за излезни калкулации од материјално. Изборот се прави од листа на двоцифрени броеви чие значење е следното: првата цифра ја означува цената во шифрарникот ( 1- 9 ), а втората дали истата е со ДДВ (1) или без ДДВ (2). Значи ако сакаме втората цена во шифрарникот да важи за фактури од материјално, и истата да е внесена во шифрарникот со ДДВ, тогаш се избира „21“. Сетирањето се подесува во менито систем – сетирања –материјално – содржина на излезни калкулации.

Доколку кај некои купувачи со кои имаат поголема соработка продавачот сака да додели поинаква (пониска) цена може да го промени предложениот ценовник при креирање на самата калкулација – фактура. Ако фактурата е веќе изготвена со ставки, а отпосле се одлучи да се промени ценовникот, тогаш се повикува опцијата „Доделување продажна цена од ценовник“ која се повикува од содржина на калкулацијата, од менито Специјални опции. При тоа се појавува изборник на ценовник со двоцифрен број со значење како што претходно е објаснето.

Наменски ценовници за поедини купувачи

Како што беше споменато и во претходниот текст, за купувачи со кои соработката е според специфично договорени цени и/или рабати, може да се дефинира и додели наменски ценовник. Истиот се дефинира за дел од производите од шифрарникот, и има повисок приоритет во однос на цените од шифрарникот или генералниот рабат за комитентот. За производите кои не се опфатени во наменскиот ценовник, но сепак се внесуваат во фактура за купувачот, важат истите цени од шифрарникот на производи како и доколку не е доделен наменски ценовник.

Наменски ценовник се дефинира во менито Шифрарник – Ценовници, при што артиклите за кои ќе важи истиот може да се повикуваат од шифрарникот еден по еден, или да се внесат одеднаш сите претходно селектирани артикли. За секој од артиклите се дефинира цена и рабат, при што цената може да се дефинира со или без ДДВ. Доколку договорен е само специфичен рабат, а цените на артиклите се според стандардниот ценовник од шифрарникот на производи, тогаш во полето за цена се внесува 0 (нула).

Откако ќе се дефинира наменски ценовник, истиот потребно е да се додели на еден или повеќе комитенти за кои треба да важи. Ова се прави во шифрарникот на комитенти, во третиот таб – Дистрибуција во формата за креирање или промена на комитент, во полето за ценовник.

При креирање на нова фактура за купувач на кој е доделен наменски ценовник, истиот се прикажува автоматски при изборот на комитентот во излезната калкулација.

Рабати по групи на производи или брендови

Договорените купопродажни услови може да варираат во зависност од групата или брендот на артиклите кои се предмет на купување, односно продавање. Затоа во HELIX програмот постои можност за дефинирање на генерални рабати по група, по бренд или по комбинација на група и бренд на артиклите.

Како пример ќе дефинираме три групи, и ќе ги доделиме соодветно на артиклите. Дефинирањето на групите се врши во менито Особини – Типови, во шифрарникот на производи. Доделувањето може да се врши артикал по артикал, со избор на групата во горниот десен агол на формата за креирање / промена на артикал, или масовно на селектирани артикли преку опцијата „Доделување на групи на селектирани производи“ во менито Специјални опции.

Согласно припадноста и доделениот рабат, на новите артикли во фактура се предлага соодветниот рабат.

Ценовни групи за комитенти и производи

Освен споменатата можност за доделување на рабат за група на производи кои би важел за сите корисници, постои можност и за групирање на артиклите во т.н. ценовни групи кое е независно од стандардното групирање на артиклите.

Исто така и комитентите се групираат во соодветни ценовни групи на комитенти.

Конечно рабат се дефинира за комбинацијата на ценовните групи на комитенти и производи, и соодветно се рефлектира во фактурите кон комитентите кога се избира артикал од соодветната ценовна група.