Од почетокот на 2021 година е воведена нова повластена тарифа за ДДВ од 10%, која се користи само за угостителски услуги. Истата е замена за досегашната општа тарифа од 18% за послужена храна и безалкохолни пијалоци. За алкохолни пијалаци и натаму се користи тарифата од 18%, а за спакувана храна за носење и натаму се користи повластената тарифа од 5% ДДВ.
Бидејќи оваа нова тарифа за ДДВ се користи само за субјекти кои се занимаваат со угостителство, имплементацијата на промените кај тие субјекти беше со највисок приоритет. Сепак промените треба да се имплементираат и кај другите субјекти, бидејќи се менуваат неколку законски обрасци за приказ на промети по даночни тарифи. За субјектите кои се занимаваат со малопродажба тоа пред сé однесува на Книгата на Дневни Финансиски Извештаи (КДФИ), а за сметководствата тоа е новата аконтативна ДДВ пријава, но ова ќе биде објаснето во друг текст кој е објавен во овој број на „Мој Информатор“.