ДАЛИ ЈА ЗНАЕТЕ МОЖНОСТА:
Како се прави контролен попис во малопродажба?
Иако овој контролен попис, може да се направи и во делот на материјалното работење, во овој текст ќе се задржиме на тоа како се прави контролен попис во малопродажба. За да креираме контролен попис во малопродажба, потребно е да отвориме нова калкулација за која во тип ќе избереме дека се работи за контролен попис. Со контролниот попис правиме порамнување на фактичката состојба која ја имаме во продавницата со книговодствената во програмата.
Во содржината на оваа калкулација се внесуваат производите и во количина ја внесуваме таа која што реално ја броиме во магацинот. Доколку за одреден производ програмата ни покажува дека имаме количина од 50 парчиња, а ние броиме дека реално присутни во продавница имаме само 10, во полето за количина внесуваме 10 парчиња. Во оваа калкулација нема потреба од внесување или менување на цени, во процесот на контролниот попис главно ажурирање се прави на количината на производите.
По завршување со внесувањето на производите и нивната количина остатокот од процесот се завршува во проширената лагер листа во делот за малопродажба.
Ја повикуваме лагер листата и во краен датум го внесуваме датумот со кој ни е отворена самата пописна калкулација, што значи дека пописната калкулација може да ја отвориме со датум 31/05/2020 и истата да ја завршиме на 03/06/2020, меѓутоа кога ќе ја повикаме лагер листата, во краен датум ќе го внесеме 31/05/2020 и потоа ќе потврдиме со ВО РЕД/F9.
Во горниот лев агол од мониторот го одбираме менито за функции, а потоа ја одбираме опцијата за Споредбен лагер.
Добиваме порака дали во кусок/вишок да се земат и оние производи кои не се наведени во пописот а сепак ги имаме во лагер листата.
Постои можност, согласно Вашите потреби да се одбере „да“ или „не“. Значи ако одберете „да“ системот ќе генерира соодветни ставки во документите за кусок или вишок, со кои состојбата на лагер би ја довеле на 0 на сите артикли кои воопшто не се наведени во контролниот попис. Во спротивно, со избор на „не“, за артиклите кои не се наведени во пописот нема да се генерира никаква корективна ставка во кусок или вишок. По одбирање на конкретен одговор програмот креира споредбен влез и споредбен излез соодветно количините внесени во пописната калкулација.
Автоматски генерираните калкулации прават запис како калкулација со назив КПВ и КПИ.
Доколку правиме било каква промена во пописната калкулација во однос на количината или пак додадеме некој производ, кога сакаме повторно да повикаме споредбен лагер, потребно е претходно да направиме бришење на калкулациите КПВ и КПИ.
Во проширената лагер листа во делот за печатење, можеме да ја отпечатиме и пописната листа на која се прикажани соодветни податоци, количински и финансиски.
Во пописната листа имаме приказ на бројот односно шифрата на производот, неговата реална состојба (состојбата во продавницата) и книговодствената состојба. Соодветно на тоа ги гледаме и разликите односно кусокот и вишокот на производите.