Почитувани,

Со овој допис сакам да Ве информирам за една процедурална промена во нашата соработка, која на овој начин ќе влезе во една попродуктивна фаза на задоволство на двете страни.

За што се работи?

Пред скоро време го претставивме новиот Тикет Систем за корисничка поддршка, кој се покажа како се подобар и се повеќе се користи, а и очекуваното задоволство кај нашите корисници се потврди како успешно реализирана промена.

Неговото воведување претставува почеток на неопходни позитивни промени во начинот на опслужување на комитентите од страна на ZONEL Software, на наше и Ваше задоволство. Подолу ќе ги наведам позначајните од нив, но сакам да нагласам дека во ист контекст и нашиот договор за соработка, односно за одржување и сервисирање, неопходно е да ги следи истите промени и новини, најмногу за Ваша заштита, а и наша транспарентност и отвореност за промени и подобрувања како компанија која стои позади безбедноста на софтверот и податоците кои ги користите. Тоа значи дека поради неможност, односно неодржливост на постоечкиот систем и пристап во поддршката, а и со цел воведување нови начини за грижа за нашите корисници, воведуваме и нова дефиниција на она што ја гради нашата соработка, поддржана со нови договори за одржување и сервисирање.

Овој чекор би го споредил со неколку вакви во историјата на ZONEL Software, како на пример:

  • Во далечната 1995 кога воведовме можност за користење на мрежни лиценци без повеќекратно целосно купување на програмот
  • Во далечната 2002 година задолжително мигриравме од DOS на Windows платформа со преработка на целиот software и 100%-но задржување на компатибилноста со претходниот
  • Во 2010 година прекин на поддршката на постоечката Interbase и Firebird податочна платформа, која се покажа многу ефектен и корисен чекор и премин на многу повисоко ниво преку MS SQL Server подочен формат, а кој ни овозможи и
  • Во 2012 година први во Македонија да воведеме податочна база на Cloud и пристап до податоците преку интернет
  • и т.н. …

И овој пат сигурен сум дека промените кои ги воведуваме ќе придонесат само за поголема флексибилност и достапност од страна на ZONEL Software.

Што се менува со новите договори?

Во продолжение се најбитните придобивки, прифатени и поздравени од повеќе наши корисници, на кои се презентирани и со кои е искрено разговарано за нивната прифатливост. Истите се објективно нагласени и како такви максимално транспарентно Ви ги изложуваме:

  • Се укинуваат пеналите за предвремено раскинување на договорот
  • Досегашниот принцип на кориснички лиценци по број на компјутери се заменува со број на корисници на кои им е дозволен пристап до податоците. Тоа значи HELIX може да се инсталира на неограничен број компјутери со многу намалена цена (во  рамки на сервисна интервенција), без да се плаќа лиценца за секој дополнително инсталиран компјутер. Еден корисник може да работи од повеќе компјутери, лаптопи или со Remote пристап преку интернет. Ќе се наплаќа еднократно само отворање на нов дополнителен корисник
  • Интервенцијата за инсталација на дополнителна корисничка лиценца, која во скоро 100% случаи е преку интернет, нема да се наплаќа, освен за интервенција во простории на корисникот
  • Претходното овозможува и нов вид корисници со “Ограничен пристап“ кој е наменет исклучиво за продавачи и келнери со екстра намалена цена за корисничка лиценца
  • Уште една отстапка поради се помасовното користење на интернетот: Секоја нова инсталација ќе има можност за комбиниран пристап до податоците, во локална мрежа и преку интернет. Значи нема посебна цена за интернет лиценца и комплетно избегнување на трошокот за нејзина набавка
  • Трансформација на сите постоечки мрежни и интернет лиценци во комбинирани. Ова значи дека без доплата стекнувате право на истовремено мрежна и интернет лиценца, за сите постоечки компјутери. Со претходниот модел на договори, ова беше со доплата од 110 Еур по компјутер.
  • Бесплатна инсталација на System Security модулот за корисници кои го немаат купено до сега, но со основен пристап, со што се зголемува сигурноста во пристапот на податоците, а дозволува и инсталација на режим на пристап во согласност со законските прописи
  • Интеграција со новиот Тикет Систем и сите негови придобивки, изложен во претходниот допис. Се укинува стариот тикет систем поради застареност на технологијата за негово одржување и се заменува со e-mail комуникација, со тоа што новиот Тикет Систем ќе има највисок приоритет на одзив, а понизок телефонскиот одзив и e-mail комуникацијата
  • За комитенти со месечен паушален надомест, воведуваме можност за 10% попуст на месечниот износ за редовно плаќање со секоја следна месечна фактура
  • За договори склучени пред не повеќе од една година, истите остануваат да важат до исполнување на една година, или по избор на комитентот можат да бидат заменети
  • Секој корисник со потпишување на Активен пакет станува продажен партнер на ZONEL Software без исполнување на предуслови за остварена квота и линк за регистрација со Системот на ZONEL Software за Партнерска Соработка. Понатаму важат условите од партнерскиот договор
  • За корисници на Cloud Storage од ZONEL Software, брзината на интернет протокот во моментов е три пати зголемена, без дополнителен финансиски надомест
  • За корисници без паушален надомест (Пакет 6, Пакет 10 и Мини) воведуваме екстра промотивен попуст за надградба на сите верзии и законски промени при премин на Актив пакет, или можат да останат на новиот Мини пакет

Велат дека секоја промена мора да има и слаби страни. Ако воопшто може да се наречат слабости, ние и нив транспарентно Ви ги посочуваме:

  • Цените за интервенции и лиценци освен во договорот, ќе бидат објавени и на интернет, со можност за нивна промена, кое право го задржува ZONEL Software, но со претходно известување до корисниците. Од досегашното повеќегодишно искуство, ZONEL Software повеќе пати ги намалуваше цените и кај нас постои голема свесност за негативностите од нивно често покачување
  • Со новите договори ќе следи и извесно покачување на моменталните цени, кое во голем дел ќе може да се амортизира преку укинувањето на интернет лиценците, попустот за редовно плаќање, укинување на пеналите, намалувањето на цените по корисничка лиценца, укинувањето на лиценцата по компјутер, бесплатната трансформација на постоечките во интернет лиценци, укинувањето на интервенцијата за инсталација на корисничка лиценца и повеќе други претходно изложени бенефити. Ова е само поради тоа што моменталните цени се дефинитивно неодржливи, најмногу поради зголемените трошоци за човечки ресурси и опрема, а со цел драстично подобрување и на достапноста и на услугата од ZONEL Software

Кој е следниот чекор?

Со намера за континуитет на услугата одржување и сервисирање кон Вас како наши ценети корисници, овој процес ќе го реализираме едноставно со потпишување на нов договор, со што престанува да важи претходниот. За таа цел ќе Ви испратиме подготвен образец за нов договор на разгледување. Нашите колеги од Корисничка Поддршка ќе Ве контактираат околу евентуална потреба од дообјаснување, а и дефинирање на термини, односно постапка за потпишување на новиот договор.

Оваа промена е неопходна поради промена на светските трендови и технологии, а и на трендовите во поглед на проверени и многу поефикасни методи за грижа на корисниците. Со овој чекор продолжуваме со промени во подобра иднина.

Искрено, како управител на ZONEL Software, сигурен сум дека како и секогаш, ќе наидам на Ваше разбирање за поголемо задоволство на двете страни.

Со почит,

Зоран Настески
Управител

ZONEL Software
Книговодствени, материјални и комерцијални програми

+389 (0)2 2401-204, 2401-205
+389 78 435 636
Ул. “Васил Ѓоргов” бр. 34 / 1 – 3
1000 Скопје
zoran.nasteski@zonel.com.mk
zonel.com.mk