Почитувани корисници,

Ви се обраќам со едно кусо резиме и информација за една нова опција која ZONEL Software почнува да ја имплементира на задоволство на многу свои корисници.

Имено, на почеток морам задолжително да спомнам и за некои слабости кои се појавија во последниов период, отприлика во последните 4-5 месеци, а најмногу во поглед на корисничката поддршка, која на ZONEL Software секогаш му била една од најсилните страни, а и од корисниците прифатена со највисоки оценки. Дури од многу корисници бевме наречени како “ЗОНЕЛ секогаш достапен“.

Овој недостаток можеби беше и неминовен, воглавном поради две главни причини:

  • Зголемување на бројот на корисници, што е позитивно, но многумина погрешно го ценат и како потенцијална опасност и
  • Постојните методи за поддршка, кои полека ги “гази времето“

Првата причина не е никаква опасност, само ако се обрне соодветно внимание и тогаш воопшто нема да значи дека постоечките корисници се повеќе ќе бидат запоставени. Со сериозен пристап каков што ZONEL Software секогаш го имал, едноставно со растење сме сите се посилни и гаранцијата за конзистентност ќе биде се поцврста.

За втората причина многумина ни сугерираат повеќе вработени во Call Center-от и повеќе телефонски линии. Но и ова не води кон трајно решение. Затоа се консултиравме со повеќе успешни светски IT компании, со развиен систем за поддршка и изградивме наш соодветен систем, кој одговара на нашето семејство од наши комитенти и според сите нивни потреби од досегашното повеќегодишно искуство.

Што значи ова, накусо во продолжение и како повторно и помоќно да важи “ЗОНЕЛ секогаш достапен“?

Постоечкиот Тикет систем со својата технологија стана прилично застарен, а на телефонската комуникација бевме најмногу сконцентрирани. Искуството покажа дека често се случуваат непотребно долги разговори за неважни теми, или за прашања кои треба да се третираат со кориснички обуки. Резултатот е непотребна зафатеност на линиите за повици од многу поголема важност, а решението ни од далеку не е со повеќе линии и оператори, бидејќи само би се зголемил бројот на ваквите недостатоци, а незадоволството кај ургентните повици ќе остане и понатаму.

Затоа, базирано на успешниот пристап на повеќе светски успешни IT компании, во последниве неколку месеци изградивме нов ТИКЕТ систем, кој е web ориентиран, многу практичен, лесен и едноставен за користење и на кој ќе има највисок приоритет во опслужувањето. Одзивот би требало да биде просечно не поголем од неколку минути, со пристап од најсоодветен оператор за одредено прашање, со категоризирана назнака за програмска област на која се однесува и сектор до кој е упатено прашањето, како и со независна следливост на секое поставено барање со информации од наша страна во која фаза е неговата реализација. Значи една многу поголема интерактивност, а и поголема компетентност на одговор.

Се разбира дека одзивот на телефонски повици и e-mail пораки останува и понатаму во функција, како и до сега.

Новиот систем во себе опфаќа и дополнителна богата датотека од најчесто поставувани прашања (ЧПП или F.A.Q.), која секојдневно ќе се гради и дополнува, со цел посеопфатен одговор на сите Ваши прашања и дилеми од секојдневното работење.

Имплементацијата на целиот овој систем, значи и темелна промена и на техниката и на досегашната технологија на пристапот во поддршката од ZONEL Software на своите корисници. За неколку клучни моменти е неминовна и промена на правните дефиниции и правила за негово спроведување. Но, во поблиска иднина не планираме промена во овој поглед и покрај зголемениот трошок за изградба, програмирање, постојано одржување, дополнителна екипа за контрола, дополнителна опрема, интернет сообраќај и други финансиски моменти. Затоа новиот пристап ќе го примениме кај сите комитенти, независно од договорениот пакет за одржување. Од повеќе анализи, сигурни сме дека ќе резултира со многу поголемо задоволство и посакуван одзив кај сите корисници. А телефонската и e-mail комуникацијата сигурно ќе останат и понатаму под исти услови.

Новиот Тикет Систем ќе биде бесплатен сигурно до 30.09.2018 година, со негово будно следење од наша страна. Доколку целокупното одржување на новиот пристап резултира со неминовноста за промена во пакетите за одржување од правен или друг аспект, за истото ќе бидете дополнително известени, се разбира со соодветна можност за избор на идната солуцијата од Ваша страна.

За негово активирање потребна е најнова извршна верзија. Претходниот Тикет Систем ќе биде и понатаму на располагање, но само со архивска улога на претходните информации, без можност за внес на нови записи.

Подетални информации за изгледот и функционалноста на Тикет Системот можете да погледнете на следниот линк: НОВ ТИКЕТ

Со почит,

Зоран Настески
Управител
zoran.nasteski@zonel.com.mk